SriChinmoy.org
mk
Повеќе за Шри Чинмој

Секој од нас е трагач,
кој чекори по Патот на Вечноста,
кој нема почеток и крај.
—Шри Чинмој

Шри Чинмој е духовен учител кој го посвети својот живот на служење на човештвото кое тежнее. Со сите негови душевни придонеси - неговите молитви и медитации, неговите книжевни, музички и уметнички дела - Шри Чинмој се обидува да го инспирира човештвото.

Се надеваме дека едноставноста, чистотата и светлината на придонесите на Шри Чинмој ќе ве инспирираат.

Мир…

„Само преку внатрешен мир можеме да имаме вистинска надворешна слобода.“ —Шри Чинмој

Ниедна цена не е преголема да се плати за внатрешен мир. Мирот е хармонична контрола врз животот. Тој е енергичен со животна енергија. Тој е моќ која лесно го надминува целото наше земско знаење. А, сепак не е одвоен од нашето земско постоење. Ако ги отвориме вистинските патишта внатре, тој мир може да се почувствува овде и сега.

Мирот е вечен. Никогаш не е предоцна да се има мир. Времето е секогаш зрело за тоа. Можеме да го направиме нашиот живот навистина плодоносен ако не сме отсечени од нашиот Извор, кој е Мирот на Вечноста.

Најголема несреќа што може да го снајде едно човечко суштество е да го изгуби својот внатрешен мир. Ниедна надворешна сила не може да му го одземе. Тоа се неговите сопствени мисли, неговите сопствени дела кои му го одземаат.

Нашата најголема заштита не лежи во нашите материјални постигнувања и извори. Целото богатство на светот е празнина за нашата божествена душа. Нашата најголема заштита лежи во општењето на нашата душа со сè-хранливиот и сè-исполнувачкиот Мир. Нашата душа живее во Мир и живее за Мир. Ако живееме живот на мир, ние сме секогаш збогатени и никогаш осиромашени. Без хоризонт е нашиот внатрешен мир; како безграничното небо, ги опфаќа сите.

Извадок од „Јога и духовниот живот“ („Yoga and the Spiritual Life“) од Шри Чинмој

Што сакаш?

Сакам мир.

Медитирај на врвот на планина.

Како можеме да најдеме мир кој трае?

Првиот чекор кон мир на умот е искрено да почувствуваме дека не сме неопходни. Ние немаме мир во умот бидејќи чувствуваме дека на другите им треба нешто од нас или дека нас ни треба нешто од другите. Чувствуваме дека ако не направиме или не кажеме нешто, тогаш светот ќе пропадне или веднаш сè ќе тргне наопаку. Но, во моментот кога ќе можеме искрено да почувствуваме дека не сме неопходни, нема да мораме да одиме никаде за да добиеме мир затоа што мирот веднаш ќе дојде кај нас.

Друг лесен начин да добиеме мир во умот е да почувствуваме дека ништо не е претерано важно. Сè и сите на земјата може да нè разочараат или да нè напуштат, се додека ние не го напуштиме Бог и Бог не нè напушти нас. Бог никогаш нема да нè напушти затоа што Тој е целиот Сомилост, и дури и да се потрудиме најмногу што можеме, нема да можеме да го напуштиме Бог бидејќи Тој е сеприсутен. Освен Бог, ништо на земјата не е неопнодно. Ако можеме свесно и континуирано да чувствуваме дека само Тој е неопходен, тогаш ништо не може да ни го земе мирот во умот.

За мирот може да се зборува со часови. Љубопитниот ум може да добие некакво задоволство, но срцето што плаче не може да добие никаква помош од зборувањето. Срцето што плаче е вистинската реалност внатре во нас, а тоа срце што плаче добива внатрешен мир, мир кој трае, само преку молитвена тишина и душевна медитација. Само душевната медитација и душевната молитва може да донесат мир. Ако во секој момент можеме да помислиме дека растеме во молитвена медитација и душевна молитва, тогаш вечниот мир ќе биде наш.

Нобеловиот лауреат Архиепископот Дезмонд Туту чита од „Мир“, поглавје од книгата „Драгоценостите на среќата“ („The Jewels of Happiness“) од Шри Чинмој.

Душа-Птица творба од Шри Чинмој

„Мирот кој доаѓа од внатрешното будење е мир кој вечно трае.“ —Шри Чинмој

Добивам мир само кога го споделувам мирот со другите. Затоа давам концерти за мир насекаде низ светот. Имам само една цел — мир, универзален мир.

Само кога медитирам во тишина или кога свирам душевна музика, чувствувам мир во најдлабоките катчиња на моето срце. Во тоа време чувствувам дека можам вистински да му служам на човештвото.

Шри Чинмој понуди преку 700 концерти за мир низ светот. На почетокот и на крајот на секој концерт тој нудеше момент на медитација во тишина.

Совршен Единство-Свет

Како што безбројните капки
во бескрајниот океан,
или безбројните лисја
на огромно банјан дрво,
мирно стојат едни покрај други,
така и сите човечки битија
еден ден ќе живеат едни покрај други
во совршен единство-свет.

Единство-Дом Трката на мирот на Шри Чинмој е најдолгата штафетна трка со факел на светот. Од 1987-мата година, тркачи го носат распламтениот факел во училишта и заедници во преку 140 земји, споделувајќи ја пораката дека има многу повеќе што нè соединува како човечко семејство отколку што нè разделува.

Единство-Свет-Семејство

Обединетите нации имаат срце кое трага, а исто и чувство на единство-свет-семејство. Луѓето може не ги гледаат надворешно овие две нешта постојано, но во мојот случај, јас ги гледам и чувствувам постојано.

Медитирам во Обединетите нации во вторник и петок од еден до два часот. Нашите сесии на медитација потекнаа од покојниот Генерален секретар У Тант, кој беше многу љубезен со мене. Тој беше мој близок пријател и ме инспирираше да започнам со медитациите за мир во Обединетите нации. Делегатите и вработените кои се инспирирани доаѓаат и медитираат со нас. Со текот на годините организиравме многу, многу програми во чест на земјите кои копнеат за единство и мир. Исто споделив и многу разговори за светскиот мир, единството и хармонијата во Обединетите нации.

До крај ќе ги сакам и сакам Обединетите нации. Ако слушнам еден добар збор за Обединетите нации, буквално танцувам на небото.

Шри Чинмој држеше медитации за мир во Обединетите нации од 1970-тата година се до неговото преминување во 2007-мата година.

Подетално:
Медитација за мир
во Обединетите нации

Прифатете го човештвото како едно семејство

Наоѓаме мир само откако целосно ќе престанеме да наоѓаме грешки кај другите. Треба да го почувствуваме целиот свет како наш сопствен. Кога ги набљудуваме грешките на другите, влегуваме во нивните несовршености. Тоа воопшто не ни помага. Сепак интересно, колку подлабоко нурнуваме, толку појасно ни станува дека несовршеностите на другите се наши сопствени несовршености, но во различно тело и ум. Додека ако мислиме на Бог, Неговата Сомилост и Неговата Божественост ја прошируваат нашата визија за Вистината. Мораме да дојдеме до потполност на нашата духовна реализација за да го прифатиме човештвото како едно семејство.

Прочитајте повеќе…

Почит од светските лидери

Охрабрување за работата за мир на Шри Чинмој од Михаил Горбачов, Мајка Тереза, Нелсон Мандела, Архиепископот Дезмонд Туту и други. Повеќе »

Единство-Дом Трката за мир на Шри Чинмој

Сонот зад најголемата штафетна трка со факел на светот, како и значајни пресвртници и достигнувања. Повеќе »

„Вашите дела се непроценливи, тие не можат да се измерат со никакви економски или политички параметри; тие се благородни и лек за човечката душа.“
—Претседател Михаил Горбачов

Љубов за светот…

„Вистината е во сè, но љубовта е сè.“ —Шри Чинмој

Не гледај грешки во ничиј живот; не гледај грешки во твојот сопствен живот. Само присили се себе да ги гледаш сите добри нешта што си ги направил, сите добри нешта што планираш да ги направиш и сите добри нешта што ги направиле другите. Во следниот милениум, целта на нашата филозофија ќе биде да ја гледаме само светлината во себе и светлината во другите. Само тогаш ќе можеш да го забрзаш доаѓањето на свет-мирот и свет-единството.

Мојата филозофија е многу едноставна: сакај и служи. Го сакаме Бог-Креаторот и служиме на Бог-креацијата. Кога се молам и медитирам, го сакам Бог-Креаторот, а кога му служам на човештвото, во тоа време служам на Бог-креацијата.

Ти си Божја творба; исто е и човештвото. Човештвото е само израз на твоето универзално срце. Можеш и мораш да го сакаш човештвото, не само како целина, туку исто и поединечно, ако го сфатиш фактот дека се додека човештвото не ја реализира својата возвишена Цел, твоето божествено совршенство исто нема да биде целосно.

Не се обидувај да го промениш светот.
Нема да успееш.
Обиди се да го сакаш светот.
Гледај, светот е променет, променет засекогаш.

Што сакаш?

Сакам љубов.

Медитирај на гнездо од птица.

Духовното срце: Седиште на божествената љубов

Срцето е изворот. Треба да го започнеме нашето патување во срцето. Внатре во срцето е душата. Свеста на душата продира во целото тело, но посебното живеалиште на душата е внатре во духовното срце. Кога ќе влеземе во најдлабоките катчиња на срцето, од таму ја добиваме вистинската љубов на душата.

Љубовта може да оди нагоре во главата или надолу во стопалата. Но, ако љубовта доаѓа прво од срцето, тогаш е прочистена. Ако љубовта не потекнува од срцето, тогаш е витална љубов, која што не е чиста. Ако чистата љубов, љубовта на срцето, љубовта на душата, може да проникне во целото битие, може да го прочисти и обожествени целото твое постоење. Кога целото физичко постоење е преплавено со љубов, само тогаш можеме да имаме универзално чувство на единство.

Кога еднаш ќе го добиеш твоето внатрешно богатство, кое што е љубов, од изворот, тогаш можеш да го користиш секаде. Но, неговото вистинско живеалиште е во центарот на срцето.

Подетално:
Човечка љубов
и божествена љубов
Душа-Птица творба од Шри Чинмој

Вежба: Медитација на срцето

Кога мислиш на срце-моќ, првото нешто на што треба да помислиш е чистота-моќ. Што ни дава непосредно чувство на чистота? Секој цвет што го сакаш најмногу - роза или некој друг цвет. Треба да почувствуваш дека ја вдишуваш убавината и мирисот на цветот што го сакаш најмногу.

Те молам, обиди се да визуелизираш внатре во твоето срце. Прво почувствувај дека цветот е таму. Замисли го внатре во твоето срце. Имагинацијата има своја сопствена реалност. Веднаш штом ќе замислиш дека има цвет внатре во тебе, роза или некој друг цвет, тогаш обиди се да го помирисаш мирисот на цветот. Потоа, по петнаесет минути или половина час или дури и по неколку денови, обиди се да почувствуваш дека цветот станал невидлив внатре во твоето срце. Не мора да го видиш цветот, не мораш да го помирисаш мирисот, не. Штом помислиш на твоето срце, ќе видиш дека твоето срце станало најубавиот цвет, најубавата роза.

Цени и охрабрувај

Сите ние сме граѓани на светот. Ако јас можам да ги инспирирам другите, и ако тие можат да го инспирираат остатокот од светот, тогаш можеме да имаме подобар свет. Со доблеста на медитацијата можеме да правиме добри нешта за човештвото.

Имам подигнато луѓе од различни сфери на животот и сите тие добија радост. Настанот го викаме „Подигнување на светот со срцето на единството“. Тие граѓани на светот се одлични во нивното поле, па затоа јас им оддадов почит на мој начин. Го подигнав секој од нив со една рака користејќи посебна апаратура.

Шри Чинмој започна со подигнување тежини во 1985-тата година и започна да им оддава почит на луѓето на тој единствен начин во 1988-мата година; беа подигнати вкупно преку 8000 луѓе.

Нелсон Мандела
Сакан претседател
Повеќе »

Нелсон Мандела

Карл Луис
9-кратен олимпиец
Повеќе »

Карл Луис

Бил Перл
Bodybuilding legend
Повеќе »

Бил Перл

Тегла Лорупе
Светски рекордер во маратон
Повеќе »

Тегла Лорупе

Мухамед Али
3-кратен светски шампион
Повеќе »

Мухамед Али

Хуго Жерард
Стронгмен (strongman) шампион
Повеќе »

Хуго Жерард

„Да служиш и никогаш да не бидеш изморен
е Љубов.“—Шри Чинмој

Сите ние сега ја вежбаме љубовта за моќ. Но, ќе дојде ден кога овој наш свет ќе биде преплавен со моќта која што сака. Само моќта која што сака може да го промени светот.

Со нашите срца кои што сакаат се идентификуваме и стануваме едно со тоа што се другите. Таа моќ која што сака може да ги реши светските проблеми. Таа моќ е полна со себедавање, не во смисла на жртвување, туку со чувство на служење на целото човештво како наши сопствени браќа и сестри. Преку нашата тишина која што сака и преку нашето посветено служење, можеме да допринесеме за подобрување на целиот свет.

Основана од Шри Чинмој во 1990-тата година, „Единство-Срце-Солзи и Насмевки“ хуманитарната служба поттикнува чувство на поврзаност меѓу луѓето од различни делови на светот.

Слајдшоу Проекти низ
светот

„Како што розата има многу ливчиња, од кои сите додаваат на убавината и мирисот на розата, така и светот ќе стане едно свет-семејство.“ —Шри Чинмој

Можеш да имаш искрена љубов за целото човештво само кога го сакаш Изворот. Бог нè создаде. Ние не го создадовме Бог. Затоа за да го сакаш целото човештво, треба да одиш до Изворот на човештвото, Бог. Ако го сакаш коренот, само тогаш можеш да го сакаш дрвото. Коренот овде е Бог. Ако си свесен за Изворот и за особините што ги има Изворот, само тогаш навистина можеш да го сакаш човештвото. Не можеш да сакаш ниедно човечко битие освен ако и се додека не го сакаш Бог. Ако можеш да почувствуваш дека го сакаш Бог и само Бог, и никој друг, тогаш ги сакаш сите, затоа што Бог е Некој кој е внатре во сите. Ако кажуваш дека го сакаш него или ја сакаш неа, од таа поединечна љубов не можеш да одиш до љубовта за Бог. Но, од љубовта за Бог можеш да одиш до љубовта за човештвото. Ако можеш да го задоволиш и сакаш Највисокото, Бог, тогаш автоматски ќе го задоволуваш и сакаш и човештвото.

Прочитајте повеќе…

Вистинска среќа…

„Среќата е родено право на секое човечко срце.“ —Шри Чинмој

Вистинската среќа не е ментална халуцинација. Вистинската среќа не е чувство на задоволство. Вистинската среќа е спонтано чувство на радост кое доаѓа знаејќи дека го правиш вистинското нешто и водиш божествен живот.

Радоста и ведрината не се живот на задоволство. Не! Тоа е свесна будност на нашата внатрешна божественост. Кога сме среќни, кога сме навистина среќни, правиме вистински напредок. Кога стануваме среќно срце, се движиме напред, нурнуваме длабоко внатре, летаме. Напредокот е во движењето, а тоа движење доаѓа само кога имаме радост и кога стануваме радост.

Вистинската радост доаѓа од прифаќањето на светот, а не од откажувањето од светот. Бог ги избрал условите во кои го живееш твојот сегашен живот. Тоа е како претстава. Сцената е поставена и завесата е дигната за ти да го изведеш твојот дел и да напреднеш на духовниот пат. Твоите сегашни услови се најдобрите можни услови за твој напредок.

Душа-Птица творба од Шри Чинмој

Што сакаш?

Сакам Среќа.

Медитирај на птица во лет.

Животот на среќата

Во нашиот секојдневен практичен живот постои начин како да добиеме радост. Ако водиме едноставен живот и одиме кон нашата цел по директен пат, ако чекориме по сончев пат, тогаш можеме да имаме радост. Едноставниот живот е животот на среќата. Директниот пат е патот на радоста. Сончевиот пат е патот на постојаната радост.

Сакаш да бидеш среќен?
Тогаш направи го твојот живот колку што може подушевно едноставен.
Колку што може бессоно жив.

Ни треба едноставност во секој момент. Ако умот не е едноставен, ако умот е комплициран и сложен, тогаш не можеме да имаме мир во умот. Детето е едноставно. Детето е целото радост. Ако имаме едноставно постоење, ќе почувствуваме колку сме среќни.

Борис Гребеншиков, еден од најсаканите пејачи во Русија, чита од „Едноставност“, поглавје од книгата „Скапоценостите на среќата“ („The Jewels of Happiness“) од Шри Чинмој.

Среќен сум

Среќен сум зошто секогаш го избирам вистинскиот момент.
Среќен сум зошто сум добар слушател.
Среќен сум зошто не се обидувам да ги убедам другите.
Среќен сум зошто не се жалам.
Среќен сум зошто не правам две нешта во исто време.
Среќен сум зошто никогаш не мислам на два предмети во исто време.
Среќен сум зошто ја сфатив вистината дека најважното нешто во мојот живот е себеподобрувањето.
Среќен сум зошто безусловно го потенцирам доброто кај другите.
Среќен сум зошто значително ги намалив моите желби.
Среќен сум зошто никогаш не се откажувам.

Извадок од краток разговор на Шри Чинмој, за време на една од неговите неделни медитации во Обединетите нации.

Тежнение: Внатрешниот плач за среќа

Да се живее во радост е да се живее внатрешниот живот. Тоа е животот кој води до себереализација. Себереализација е Богореализација, затоа што Бог не е ништо друго освен Божественоста која е длабоко внатре во секој од нас, чекајќи да биде откриена.

Внатрешниот свет отелотворува Мир, Светлина и Блаженство. Надворешниот свет, за жал, сега не ги отелотворува тие особини, додека внатрешниот свет ги има во бескрајна мерка. Затоа се обидуваме да воспоставиме слободен пристап до внатрешниот свет со вештината на нашиот внатрешен плач и нашата душевна медитација. Тоа го нарекуваме тежнение.

Не постои разлика меѓу внатрешната среќа и тежнението. Тие се едно. Тежнението е пламенот, а среќата е светлината на пламенот.

Подетално:
Зголемување на твојот
внатрешен глад

Дали постои разлика
меѓу благодарност-срцето
и среќа-животот?
Благодарност-срцето е гнездото.
Среќа-животот е дрвото.

Песна од „Дваесет и седум илјади тежнение-растенија“ („Twenty-Seven Thousand Aspiration-Plants“), серија од 27 000 афоризми напишани од Шри Чинмој од 1983-тата до 1998-мата година.

Од среќата добиваме мир

Чувствувам дека преку молитва, медитација и посветено служење може да зазори светскиот мир. Секој поединец треба да се обиде и да ги направи другите среќни, затоа што само преку среќата можеме да имаме мир. Ако можеме со љубов и искрено да му понудиме среќа на некој, тогаш таа одредена личност ќе има само добра волја кон нас. Од среќата добиваме мир, а од мирот добиваме среќа; двата се неразделни.

Себенадминување…

„Радоста од себенадминувањето несомнено е неспоредлива.“
Шри Чинмој

Себенадминувањето ни дава радост во бескрајна мерка. Кога се надминуваме себе, не се споредуваме со другите. Не се натпреваруваме со остатокот од светот, но во секој момент се натпреваруваме со себе. Се натпреваруваме само со нашите претходни достигнувања. И секој пат кога ќе ги надминеме нашите претходни достигнувања, добиваме радост.

Во духовниот живот секогаш се трудиме да надминеме и да одиме отаде. Ако направам дваесет нешта погрешно денес, тогаш утре ќе се обидам да направам деветнаесет нешта погрешно. Постојано ќе се обидувам да се подобрам себе, а на тој начин ќе добијам огромно чувство на задоволство. Не се натпреварувам со никој друг освен со самиот себе. На тој начин чувствувам дека доаѓам до совршенството.

Што сакаш?

Сакам совршенство.

Медитирај на себенадминувањето на твојот живот.

Живеј во напредок-светот

Не се натпреварувам
со остатокот од светот.
Се натпреварувам само со себе,
затоа што мојот напредок е мојата вистинска победа.

Секогаш натпреварувај се со сам себе; не се натпреварувај со никој друг. Не можеме да зависиме од успехот бидејќи секогаш ќе дојде некој кој ќе направи да избледе нашиот успех во неважност. Кога живееме во успех-светот, поскоро од веднаш сме осудени на фрустрација. Но, кога живееме во напредок-светот, секогаш има огромна радост. Таа радост не доаѓа само од надминување на сопствените капацитети туку и од самиот труд. Да речеме дека сум си поставил цел од 135 кг и не можам да го направам тоа. Самиот факт што посветено сум вежбал и вежбал ми дава радост, а издржливоста или упорноста што ја покажувам е напредок сама по себе. Сè што правиме посветено и душевно ни помага да направиме напредок.

Документарен филм „Предизвикување на невозможното“ за кариерата на Шри Чинмој во подинувањето на тежини. Од 1985-тата до 2007-мата година Шри Чинмој изведе многу извонредни себенадминувачки подвизи на подигнување на тежини.

Возраста е во умот

Возраста е во умот; возраста не е во телото. Кога мислиме дека сме стари, тоа е крајот, самиот крај на нашето патување. Секој ден во секој миг мисли само дека си седум-годишен или девет-годишен или десет-годишен, но не мисли дека си преку триесет години. Само замисли! Имагинацијата е свет сама по себе, но секој ден ти треба да го симнеш тој свет или да влезеш во тој свет.

Секогаш ќе кажам дека физичката состојба е од огромно значење. Внатре во телото е душата. Душата не е на друго место. Внатре во тело-храмот е олтарот. Ако не го одржуваме храмот во соодветна состојба, олтарот ќе биде целосно уништен. Одржувајте го вашето тело во добра физичка состојба, ако навистина сакате да напредувате.

Подетално:
Шри Чинмој
трча

Трки на долги растојанија

Чувствувам дека на светот му треба динамизам. На надворешниот свет му треба динамизам и на внатрешниот свет му треба динамизам. Како трагачи, треба да се молиме и медитираме за да имаме мир. Повторно, ако можеме да бидеме динамични, тогаш ќе можеме да постигнеме многу во нашиот надворешен живот. За да бидеме динамични ни треба добра физичка состојба во секој миг, а трчањето значително ни помага да бидеме во добра физичка состојба.

Спортистите добиваат огромни придобивки од овие трки. Одат отаде нивните капацитети. Со цел некој да биде среќен, мора да оди секогаш отаде и отаде и отаде неговите капацитети. Затоа овде, за време на трчањето, секој тркач добива многу посебна можност да отиде отаде неговите или нејзините капацитети. Себенадминувањето е единственото нешто што му треба на едно човечко битие за да биде вистински среќно. Така овие трки во огромна мерка им помагаат на тркачите иако надворешно тие минуваат низ тешкотии. На крајот, кога трката е завршена, чувствуваат дека постигнале нешто многу значајно.

Шри Чинмој го основаше „Маратон Тим“ во 1977-мата година за да ѝ служи на атлетската заедница во нејзината потрага по себенадминување. Помеѓу многуте други настани, Трката на себенадминување на 3100 милји на Шри Чинмој е најдолгата сертифицирана друмска трка.

Шри Чинмој говори за духовноста и трчањето на 6-дневната и 10-дневната трка на Шри Чинмој во Њу Јорк.

Вежба: Зголемување на твоето тежнение

Рано наутро, откако ќе медитираш — не пред твојата медитација - запиши три апсолутно нови нешта што никогаш не си ги направил, што никогаш не си ги помислил. Тогаш тие три нешта ќе ти дадат инспирација или еден вид на предизвик. Тоа ќе созададе чувство во твојот ум и во твоето битие да ги направиш. По медитацијата употреби ја твојата имагинација-моќ. Само запиши: „Денес ќе се обидам да направам три нешта. Ќе направам нов обид.“

Не велам дека треба да ги оствариш тие нешта во еден ден, не. Може ќе бидат потребни неколку денови или дури и повеќе за да ги оствариш. Но, можеш да започнеш. Животот не е досаден за оној кој верува во авантура. Авантура не значи дека треба да се искачиш на највисоката планина. Да дозволиш нови идеи, свежи идеи, здрави идеи да влезат во твојот ум — тоа е авантура. А, потоа можеш да работиш на нив.

Фотографија: Шри Чинмој ја завршува трката на 47 милји во Њу Јорк, 1981-вата година.

Милост од Горе

За сите мои постигнувања, целосно зависам од Милоста на Севишниот. Неговата Милост ми дава инспирација и ме води во сè што правам — без разлика дали пишувам песна, компонирам песна, сликам слика, трчам маратон или држам предавање. Сè што правам зависи од внатрешното водство, а тоа внатрешно водство не е ништо друго туку Сомилост и Милост од Горе.

Прочитајте повеќе…

Зошто Шри Чинмој подигнуваше големи тежини?

Oдисејата за 22-те години подигнување тежини на Шри Чинмој. Повеќе »

Шри Чинмој Маратон Тим

Повеќе за филозофијата на Маратон Тимот и настаните на издржливост кои ги ораганизираше низ светот. Повеќе »

Спортската кариера на Шри Чинмој

Шампион во спринт во духовната заедница каде што порасна, но Шри Чинмој исто беше и страствен тркач на долги растојанија и тенисер. Повеќе »

Креативност…

„Нека мојот секојдневен живот биде громогласен водопад на креативност.“ —Шри Чинмој

Секоја душа е дарувана со креативност. Но, на душата ѝ е екстремно тешко да го убеди умот, виталот и физичкото дека можат свесно да соработуваат со душата, дека сите тие можат заедно да создаваат и да го исполнат Божественото на земјата. Креативноста не значи дека некој треба да пишува песни или статии, или да компонира песни. Креативноста значи нечија внатрешна грижа за ширењето на тоа што тој или таа има. Кога некој свесно сака да отиде отаде неговиот капацитет и отаде неговото постигнување, само тогаш ја наоѓаме вистинската креативност, само тогаш креативноста може да ја има својата соодветна вредност и цел.

Каде може човек да го најде изворот на креативноста? Ако некој сака неговата креативност да биде постојана и вечна, тогаш таа креативност мора да дојде од душата — не од умот, не од виталот, дури не ни од срцето. Во срцето, во умот, во виталот и дури и во грубото физичко, човек може исто да виде креативност, но постигнувањата од таа креативност никогаш не може да траат. Само креативноста на душата може да биде трајна. Така креативноста може да биде во физичкото, во срцето, во умот, во душата - било каде. Но, ако е во внатрешниот живот, во регионот на душата, само тогаш трагачот може да биде вистински среќен.

Што сакаш?

Сакам плодоносна имагинација.

Медитирај на бескрајните капки на морето.

Музика: Јазикот на Бог

Сите на земјата се музичари и пејачи. Пејачот не мора да испее совршено нота. Музиката е јазик на Бог. Божјиот јазик, музиката, не е како математиката или геометријата. Тоа е јазик на љубовта.

Ајде да не се обидуваме да ја разбереме музиката со нашиот ум. Ајде да не се обидуваме дури ни да ја почувствуваме со нашето срце. Ајде едноставно и спонтано да ѝ дозволиме на музика-птицата да лета на нашето срце-небо. Додека лета, безусловно ќе ни открие што има и што е. Тоа што има е пораката на Бесмртноста, а тоа што е, е преминот на Вечноста.

Подетално:
Песна-Светот
на Шри Чинмој

Шри Чинмој има компонирано преку 22 000 песни кои, во нивните зборови и во нивните мелодии, ја истражуваат должината и ширината на човечкото тежнеечко искуство.

Џарна-Кала: Фонтана-Уметност на Шри Чинмој

Самата функција на Уметноста е да ја открие убавината внатре и надвор. А, Уметноста сама по себе е самоизразување на различните нивоа на Свест.

Уметноста е надворешната облека на љубовта. Уметноста, како љубовта, е сила на единството со бесконечното.
Кога создаваме уметничко дело, навистина создаваме или рефлектираме некоја убавина на Бесконечното.

Започнувајќи во 1974-тата година, Шри Чинмој наслика преку 140 000 слики на мистична уметност кои ги нарече „Џарна-Кала” или Фонтана-Уметност на неговиот мајчин бенгалски јазик; уметност која што доаѓа на површина од внатрешен извор.

„Ти си чудесен модел на изобилството во креативниот живот кое што го бараме ние, помалите смртници и само може да се надевам дека еден ден може ќе бидам дел од таа космичка фонтана на смиреност и длабока енергија што ти ја поседуваш.“
— Леонард Бернштајн, реномиран композитор и диригент

„Уметноста на Шри Чинмој има разиграност која не треба да се меша со тривијалното. Доаѓа од област на постоење каде ние се стремиме кон највисокото. Многу малку уметници се осмелуваат да играат на тој начин.“
— Амал Гош, Централно училиште за уметност и дизајн, Лондон

Космичката Мелодија

Благодарен сум на Севишниот за тоа што ми даде златна можност да Му служам Нему на Негов сопствен Начин. Мојата поезија, мојата музика, мојата уметност и сè друго што правам е само израз на Некој кој работи во и преку мене.

Некои луѓе ќе кажат: „Што прави? Уметник е, музичар е, пејач е. Зошто не земе еден предмет и не направи најмногу што може со тоа?" Но, јас не го гледам тоа така. Пијаното има многу дирки. Зошто би требало пијанистот секогаш да остане на една дирка? Ако свири само една нота, како ќе може да ја создаде космичката мелодија, универзалната мелодија? Слично, јас чувствувам дека уметноста е една дирка, поезијата е друга, медитацијата е трета, а спортот е четврта. Ако свириш на различни дирки, тогаш ќе создадеш убава музика.

Прочитајте повеќе…

Откриј се Себе…

„Во моментот кога ќе знаеш кој си навистина, сите тајни на светот ќе бидат отворена книга за тебе.“ —Шри Чинмој

Себереализација значи себеоткривање во највисоката смисла на терминот. Човекот го реализира неговото единство со Бог — свесно. Ти си проучувал книги, а луѓето исто ти кажувале дека Бог е во секој. Но, не си го реализирал Бог во твојот свесен живот. Кога некој е себереализиран, тогаш свесно знае што е Бог, како изгледа, што сака.

Оние кои не го реализирале Бог ќе кажат: „Бог може да биде како ова, Бог може да биде како тоа.“ — сè е ментална шпекулација. Но, оној кој достигнал себереализација останува во Божјата Свест и зборува со Бог лице во лице. Го гледа Бог и во конечното и во Бесконечното; го гледа Бог како личен и безличен. Во тој случај не се работи за ментална халуцинација или имагинација; тоа е директна реалност. Таа реалност е поавтентична од тоа што сега те гледам тебе пред мене.

Зборуваме за себеоткривање, но себеоткривањето и Богореализацијата се едно. Кога ќе го откриеме нашето вистинско сопство, го реализираме Бог, затоа што во нашето вистинско сопство е постоењето на Бог.

Каде и да сме, Бог е. За да ја реализираме таа врвна вистина, треба да го вратиме тоа што сме го позајмиле од светот: темнината, незнаењето, ропството, ограничувањата, несовршеностите и смртта. Ги позајмивме овие нешта затоа што почувствуваме дека значително ќе ни помогнат, но сега сфативме дека се вистински препреки. Така мораме да ги вратиме тие нешта, а нештата што вечно ги имаме во најдлабоките катчиња на нашето битие — мирот, светлината, блаженството, вистината — треба да ги зголемиме. Нештата што вечно сме треба да ги потврдиме и да ги понудиме на светот на големо. Ако го направиме тоа, ќе знаеме кој е Бог и каде е Бог.

Што сакаш?

Сакам просветлување.

Медитирај на целосно расцветана роза.

Апсолутот

Без ум, без форма, само постојам;
сега сопрена секаква волја и мисла;
последниот крај на танцот на Природата,
јас сум тој кој го барав.

Кралство на Блаженство откриено;
отаде спознавачот и спознатото;
во бескраен одмор уживам конечно;
се соочувам со Него сам.

Ги поминав тајните патишта на животот,
постанав Целта.
Вистината непроменлива е откриена;
јас сум Патот, Бог-Душата.

Мојот дух свесен за сите височини,
нем сум во с’ржта на Сонцето.
Не разменувам ништо со времето и делата;
мојата космичка игра е завршена.

Свест: Божествената Искра

Свеста е внатрешната искра или внатрешната врска во нас, златната врска внатре во нас што го поврзува нашиот највисок и најпросветлен дел со нашиот најнизок и најнепросветлен дел. Свеста е врската помеѓу Небото и земјата. А, каде е Небото? Тоа не е некаде горе или некаде далеку од нас. Небото е во нашата свест. Но, божествената свест е таа што ја поврзува земјата со Небото. Обичната човечка свест само ќе нè поврзе со нешто многу, многу ограничено, а во исто време, многу минливо. Можеме да ја насочиме нашата свест на друга личност една секунда и тогаш нашата концентрација исчезнува. Но, кога се работи за внатрешната свест, која што е безгранична, просветлена, преобразена свест, тогаш фокусот на нашата концентрација може да продолжи, да продолжи, да продолжи.

Човечката свест е направена примарно од ограничувања, несовршености, ропство и незнаење. Таа свест сака да остане тука на земјата. Добива радост од конечното: од семејството, од општеството, од земските работи. Божествената свест е направена од Мир, Блаженство, божествена Моќ и така натаму. Нејзината природа е постојано да се проширува. Човечката свест чувствува дека нема ништо поважно од земските задоволства. Божествената свест чувствуа дека нема ништо поважно и позначајно од небеската Радост и Блаженството на земјата. Човечката свест се обидува да нè убеди дека не сме ни блиску до Вистината и исполнувањето. Се обидува да направи да почувствуваме дека Бог е на некое друго место, милиони километри далеку од нас. Но, божествената свест прави да почувствуваме дека Бог е токму тука, внатре во секој животен здив, во секое отчукување на срцето, во сите и сè околу нас.

Шри Чинмој опишува и демонстрира савикалпа и нирвикалпа самади, две од највисоките состојби на духовна свест.

Медитација: Јазикот на Бог

Медитацијата е таа состојба на свест кога внатрешното битие, наместо да негува милиони мисли, само сака да општи со Бог. Медитацијата е јазикот на Бог, како и јазикот на човекот. Сега зборувам на англиски и можете да ме разберете затоа што добро знаете англиски. Слично, кога човек знае добро да медитира, ќе може да општи со Бог. Затоа медитацијата е јазикот што го користиме да зборуваме со Бог.

Единствениот начин

Некогаш морам да бидам тивок,
затоа што тоа е единствениот начин
да знам малку подобро,
да размислувам малку помудро,
да станам малку посовршен,
да го потврдам Бог малку поскоро.

Песна од „Надминување-Совршенство“ („Transcendence-Perfection“), збирка од 843 песни напишани од Шри Чинмој во период од 24 часа на 1-ви ноември 1975-тата година.

Нашето внатрешно богатство

Имаме сè што ни треба длабоко внатре во нас — во најдлабоките катчиња на нашето срце. Таму е сефот, таму е нашето богатство. Кога се молиме и медитираме, Бог го отвора сефот и го гледаме нашето сопствено богатство. Затоа го користиме терминот „себеоткривање“. Со Божјата Милост ја откриваме вистината за себе; ја откриваме нашата сопствена светлина и божественост.

Прочитајте повеќе…

Бог е…

„Вистина-постоењето е едно. Мудреците го нарекуваат со разни имиња.“ —Древна индиска поговорка

Целта на животот е да се реазлизира највисоката Вистина, да се открие највисоката Вистина и да се манифестира највисоката Вистина. Што е највисоката Вистина? Највисоката Вистина е дека човекот и Бог се вечно едно и неразделно иако човекот е сега нереализиран Бог, а Бог е сега неисполент, неманифестиран човек.

Бог е целиот Љубов. Бог е целиот Светлина. Бог е целиот Убавина. Бог е сè: Вистина, Мир, Светлина, Блаженство во бесконечна мерка. Тој е со форма; Тој е без форма. Ако го доживееш Бог како Мир, тогаш ќе кажеш дека Бог е Мир. Ако го доживееш Бог како Светлина, тогаш ќе кажеш дека Бог е Светлина. Ако го доживееш Бог како Љубов, тогаш ќе кажеш дека Бог е Љубов.

Што сакаш?

Сакам слобода.

Медитирај на безмерната пространост на небото.

„Вечното прашање на човекот е: „Кој е Бог?”
Божјиот непосреден одговор е: „Дете мое, кој друг е Бог, ако не ти?”” —Шри Чинмој

Бог е твојот највисок, најпросветлен, најсовршен дел. Имаш два дела: едниот е повисок, другиот е понизок. Најголем дел од времето поминуваш во понискиот дел. Кога ќе станеш целосно свесен за твојот повисок дел и кога твојот понизок дел ќе биде целосно преобразен и во единство со Највисокото, тогаш си никој друг освен Бог. Иако сè уште не е препознаен или откриен, твојот сопствен највисок, најразвиен, најсовршен и најпросветлен дел е Бог.

Нурни длабоко внатре и ќе откриеш дека внатре во твоето тело е твоето срце, внатре во твоето срце е твојата душа, а внатре во твојата душа е Бог.

Шри Чинмој говори за душата во интервју со Монсињор Том Хартман, коосновач на „Божјиот тим“ („The God Squad“).

Самата среќа е Бог.

Сè што цениш овде на земјата не е само олицетворение на Бог туку Самиот Бог. Бог може да биде горе во било каква форма или без форма, како бесконечна Светлина, бесконечен Мир, бесконечно Блаженство. Повторно, може да биде внатре во нашите срца, каде што се наоѓа нашето вистинско постоење. А, ако ги отвориме нашите очи и ја погледнеме природата, планините и реките, тоа е исто Бог.

Затоа без разлика на кој начин ја цениме реалноста или сакаме да се идентификуваме себе со реалноста, треба да чувствуваме дека се цениме и идентификуваме себе со Божественоста; а таа Божественост ја нарекуваме Бог или Дух или Битие. Ако не сакаш да ја нарекуваш Бог, имаш совршена слобода да не го правиш тоа. Но, треба да ја викаш среќа. Самата среќа е Бог. Можеш да ја цениш убавината на природата и ако си среќен, тогаш среќата што ја добиваш е Бог.

Душа-Птица творба од Шри Чинмој

Една Вистина наречена со различни имиња

Пријателствата на Шри Чинмој во религиозниот спектар ги вклучуваат добитниците на Нобелова награда, Мајка Тереза и Архиепископот Дезмонд Туту.
Шри Чинмој држи медитација за отворање на Парламентот на светските религии во Чикаго, 1993-тата година (лево) и во Барселона, 2004-тата година (десно).

Не постои суштинска разлика помеѓу една и друга религија бидејќи секоја религија ја отелотворува крајната Вистина. Секоја религија е во право, апсолутно во право, затоа што секоја религија ја пренесува пораката на Вистината на свој сопствен начин. Ако се нурнеш длабоко внатре, ќе видиш дека воопшто нема разлика помеѓу религиите. Сè е една Вистина наречена со различни имиња од страна на различни трагачи. Твојата религија може да каже едно нешто, а мојата религија може да каже нешто друго. Но, нашите религии никогаш нема да се разликуваат кога се работи за највисоката Вистина. Крајната Цел на секоја религија е да се реализира највисоката Вистина.

На патот кон нашата Цел може да се караме и несогласуваме, може погрешно да се разбереме меѓусебно. Зошто? Токму затоа што има многу патишта кои водат до Целта. Некои ќе следат еден пат, а други ќе следат друг пат. Секој пат ќе може да понуди инспирација. После некое време, некоја личност ќе каже дека нејзиниот пат е далеку најдобриот затоа што ѝ е угоден неа. Тогаш друга личност ќе каже дека нејзиниот пат е најдобриот. Но, кога и двете ќе ги достигнат своите одредишта, тие ќе бидат пред истата Цел: Вистината. Во Вистината нема караници, нема конфликти; Вистината или Богореализацијата ги надминува сите религии.

Подетално:
Пораката за единство
од Шри Чинмој

Две крила за летање: молитва и медитација

Моите молитва-крила ме носат нагоре до Рајот да ја видам Божјата Убавина. Моите медитација-крила ме носат до земјата да ја видам чистота на моето срце.

Кога се молиме, често чувствуваме дека Бог е накаде над нас — километри и километри над нашата глава или на синото небо. Не знаеме каде е точно; само чувствуваме дека сме овде на земјата, додека Тој е далеку од нас, па може да е потребно некое време нашите молитви да стигнат до Него. Исто чувствуваме дека Тој треба да дојде од каде и да е со цел да ни даде мир во умот или што и да бараме.

Но, кога медитираме, имаме сосема поинаков концепт за Бог. Чувствуваме дека Тој е веднаш покрај нас или внатре во нас — во нашето тело, витал, ум, срце и душа - набљудувајќи нè. Па, не треба да летаме на небото или да трчаме по Него. Ако нашата медитација е душевна, чувствуваме дека ќе ни даде тоа што ни треба. Во повеќето случаи, чувствуваме дека медитацијата може да го направи потребното поскоро од молитвата или било кој друг метод. Повторно, ако нашата молитва е манифестација на силниот плач на нашето срце, тогаш не ѝ е потребно време за да стигне до Бог. Поскоро од веднаш Тој ќе нè слушне и ќе ни помогне. Така молитвата и медитацијата меѓусебно се надополнуваат.

Шри Чинмој чита разговор со наслов „Молитва-животот и медитација-животот" од неговата книга „Еверест-Тежнение“ („Everest-Aspiration“).
За време на разговорот, Шри Чинмој често го спомнува „неговиот сакан Севишен“; Севишен е зборот што Шри Чинмој чувствува дека најдобро ја опишува највисоката реалност.

Кога моќта на љубовта
ќе ја замени љубовта за моќ,
човекот ќе има
ново име: Бог.
Шри Чинмој

Ништо не може да биде поголемо од љубовта. Бог е голем само затоа што е бесконечна Љубов. Ако човек сака да го дефинира Бог, може да го дефинира на милиони начини; но, сакам да ти кажам дека ниедна дефиниција за Бог не може да биде соодветна како кажаното: „Бог е целиот Љубов." Ако стравот дојде во нашиот ум кога велиме „Бог“, тогаш сме милиони и милијарди далеку од Бог. Кога го повторуваме името на Бог, ако на површина дојде љубовта, тогаш нашите молитви, нашата концентрација, нашата медитација и нашата контемплација се вистински.

Со исклучок на објаснувањата, сè напишано погоре е од Шри Чинмој. Види извори »

Ако би сакал да истражуваш повеќе за техниките на Шри Чинмој, топло си поканет да стапиш во контакт со твојот локален Шри Чинмој Центар.